Алими најавува победа за Шкендија во Штип, но Брегалница си има свои математики!

Брегалница и Шкендија денеска од 17 часот на Градскиот стадион во Штип во најинтересниот натпревар во 3. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Штипјани имаа позитивен старт со двете ремија, иако се уште без триумф, додека Шкендија по ремито со Тиквеш и поразот од Ренова го продолжи катастрофалното европско лето.

Токму поради тоа во таборот на Шкендија посакуваат и најавуваат триумф во Штип.

„Патуваме за Штип по првата победа сезонава. Знаеме дека на гостински терен е тешко да се заработат три бода, но мислам дека ако успееме да ја играме нашата игра, со посед на топка и комбинации, мислам дека ќе можеме да дојдеме до победата. Потребна ни е максимална посветеност на целиот тим, но сите сме мотивирани конечно да победиме“ – вели фудбалерот од средниот ред на Шкендија, Арменд Алими.

Но, Брегалница се понагласено покажува дека е повеќе од респектабилен тим кои има свои математики за сезонава. И, дефинитивно посакува позитивен резултат и против актуелниот шампион.

„Не очекува тежок натпревар против актуелниот шампион. Јасно е дека Шкендија на секој натпревар е фаворит за бодовите. Сега дополнително мотивирани за победа доаѓаат во Штип по поразот од Ренова, но јасно е и дека воопшто нема да им биде лесно. Нема збор дека максимално го респектираме противникот, но доволно ги знаеме и сопствените квалитети кои верувам може да не одведат до позитивен резултат. Огромната поддршка од навивачите сигурно треба да биде дополнителен импулс за максимално издание на терен“ – вели тренерот на Брегалница, Марјан Секуловски.

Во составот на Шкендија за денешниот натпревар во комбинација за настап се враќа Бруно Дита, но ќе недостасува Камер Ќака, кој заработи повреда на последниот натпревар против Ренова.

ПМФЛ – 3. КОЛО (денеска, 17 ч.)

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ШКЕНДИЈА

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – СКОПЈЕ

Битола: ПЕЛИСТЕР – ШКУПИ

Скопје: РАБОТНИЧКИ – СТРУГА ТЛ

Тетово: РЕНОВА – БОРЕЦ

Кавадарци: ТИКВЕШ – АК. ПАНДЕВ

Се вчитува...