Алиоски пресреќен: Играме одличен фудбал, навивачите уживаат

Езгијан Алиоски и Лидс продолжија со одличните натпревари во Премиер-лигата, триумфирајќи на тешкото гостуање против Евертон. Нашиот интернационалец одигра уште еден квалитетен натпревар, максимално оправдувајќи ја довербата што во него ја има Марсело Биелса.

Лидс со големата победа се искачи на 12. место на табелата со 14 бода по првите десет кола, воедно прекинувајќи ја мини-серијатаљ од три меча без триумф во Премиер-лигата.

„Имаме зошто да бидеме пресреќни. Играме одличен фудбал, навивачите уживаат и собираме значајни бодови. Против себе имавме тежок ривал, но бевме креативни, создадовме повеќе шанси за гол и заслужено триумфиравме. Тоа ни дава енергија за уште подобри резултати, прекрасно е чувството кога се ужива на теренот и се победуваат силни ривали“, истакнува македонскиот репрезентативец.

Ова беше прв триумф на Лидс на „Гудисон Парк“ по пауза од 30 години.

„Не е важно колку долго се чекало на ваква победа, важно е што стигнавме до неа. Ова ни е прва година по враќањето во Премиер-лигата и да триумфираш во Ливерпул над Евертон не е мала работа. Знам дека навивачите долго го чекале овој триумф и штета е што не можеме да го прославиме заедно“, вели Алиоски.

 

Се вчитува...