Струга Трим Лум им се врати на победите во минатото коло, а сега сака да држи ритам и да стигне до нови три бода на денешниот дуел против Скопје.
Капитенот Буњамин Шабани вели дека тој и соиграчите максимално го респектираат ривалот, но трите бода се нивната цел.
„Работевме максимално напорно во текот на целата недела. Знаеме дека денеска нема лесни противници, па без разлика на позицијата на табелата, имаме почит кон ФК Скопје. Сепак, како тим ќе го дадеме максимумот за да продолжиме со победите, по триумфот во минатото коло во Скопје против Шкендија Арачиново“, вели Буњамин Шабани.
Стружани не смеат да се залетуваат, затоа што немаат победа против Скопје на последните три натпревари. На првиот меч оваа сезона одиграа 1-1 во главниот град.
„На секој натпревар му пристапуваме посебно. Секако дека извлековме поуки од претходните дуели и верувам дека овој пат ќе биде поинаку. Се надеваме дека со максимален ангажман од сите нас, без потценување на противникот, ќе ги освоиме трите бода. Најважно е да ја одиграме нашата игра и да наметнеме ритам. Не треба да се оптоваруваме со традицијата. Како тим мора да пристапиме максимално сериозно ако сакаме бодовите да останат во Струга. Верувам дека ќе ја контролираме играта и ќе доминираме на натпреварот“, заврши капитенот на Струга Трим Лум.
Натпреварот меѓу Струга Трим Лум и Скопје е закажан за 12 часот на Градскиот стадион во Струга, а ќе суди Благојче Ралевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
