Алкалоид доби група по мерка: Силкеборг, Ла Риоха и Војводина

Алкалоид ќе биде дел од групата Ф во новото издание од Лигата на Европа на ЕХФ, беше одлучено со денешната ждрепка за групната фаза од ова европско натпреварување, каде македонскиот вицепрвак за противници ги доби Силкеборг од Данска, Логроњо Ла Риоха од Шпанија и Војводина.

Силкеборг е екипа што го освои третото место на табелата во данското првенство минатата сезона, зад Алборг и ГОГ Гудме. Сепак, овој тим влегува со зголемени амбиции во новата сезона, па веќе го доведе и Расмус Лауге од Веспрем како големо засилување во овој преоден рок.

Ла Риоха е тим што традиционално е дел од европските натпреварувања, но овој шпански претставник веќе не делува премногу моќно, а ланската сезона во АСОБАЛ-лигата ја заврши на петтата позиција.

Војводина е тим што не само што доминира на српската сцена, туку минатата сезона го освои и ЕХФ-купот, па сега со уште поголеми амбиции ќе влезе во новата сезона.

Победникот од двомечот меѓу Вардар – Рајн-Некар Левен ќе се најде во групата А, заедно со екипите на Нант, Бенфика и Кристијанштад.

Сите натпревари од ЕХФ Европската лига ќе се играат на ден вторник почнувајќи од 17 октовмри, а последното коло ќе се игра на 5 декември.

Се вчитува...