Алкалоид го прифати предлогот на Вардар: Одржувањето на спортската култура е многу важен принцип

Ракометниот клуб Алкалоид преку соопштение обајви дека го прифаќа предлогот на Вардар за презакажување на полуфиналниот меч од Купот на Македонија, од четврток за петок.

Шампионот Е. Пелистер со недели се жалеше за нееднаков третман бидејќи битолчани требаше да играат еден ден подоцна во второто полуфинале со Тиквеш, но скопските клубови покажаа спортска големина, јасно ставајќи до знаење дека распоредот воопшто не значеше привилегирање на било тим во битката за куп-трофејот.

„РК Алкалоид е согласен за промена на терминот за одигрување на полуфиналето од Купот на Македонија со РК Вардар 1961, дуел што е закажан за четврток, 16 мај. Од основањето на клубот, како важен принцип во работата, РК Алкалоид ги има одржувањето на спортската култура на високо ниво и зачувувањето на спортските релации и односи со сите клубови и со Ракометната федерација. 

За нас како колектив што се залага за промовирање на позитивните страни на спортот број еден во државата учеството на завршницата на турнирот е од големо значење. Витештвото на теренот е тоа што треба да ги гради односите меѓу клубовите, а ние сме подготвени, во име на спортот, да подадеме рака, да го одиграме натпреварот во терминот што ќе биде дополнително одреден и да се фокусираме исклучиво на натпреварувачкиот момент“, се вели во соопштението на РК Алкалоид.

По ваквиот развој на настаните, веќе е извесно дека двете полуфинални средби од Купот на Македонија ќе се играат в петок, а големото финале останува во непроменет термин, в недела во СЦ „Борис Трајковски“.

Се вчитува...