Ракометниот вицешампион на Македонија вечерва ќе го пречека дански Силкеборг во натпревар од 3. коло од новата сезона во Лигата на Европа.
Данскиот состав ќе ја има фаворитската улога на денешниот натпревар, но Лазаров и неговите избраници се подготвени за битка со реномираниот ривал.
„Самото име на противникот и државата од која доаѓа доволно говори за неговиот квалитет. Ќе играме против данска екипа која со години наназад преку својата лига обезбедува излез во Европа. Инвестициите што ги направија летово со ангажманот на Расмус Лауге од Веспрем, кажуваат дека ќе имаме сериозен ривал. Треба да бидеме на едно високо ниво за да можеме да парираме. Ние се движиме во вистински правец, на вториот меч во Шпанија одигравме поквалитетно отколку на првиот дуел со Војводина. Се надевам дека тој раст ќе продолжи и на третиот меч, тоа е меч во кој треба да се опуштиме и без притисок да одиграме најдобро што знаеме. Нашата публика ќе има можност да гледа еден квалитетен натпревар меѓу две екипи кои играат модерен ракомет. Очекувам тврд, силен натпревар, фаворитската улога им ја препуштаме на гостите, тоа е реалноста, но ние ќе гледаме да се поставиме добро и ако ни се укаже шанса да го искористиме моментот и да стигнеме до позитивен резултат“, изјави Лазаров.
Џонов беше меѓу најдобрите стрелци на првите две европски средби, против Војводина и Ла Риоха, а се очекува во ист стил да продолжи и на дуелот со Силкеборг.
„Силкеборг е екипа составена од млади играчи, но имаат и поискусни асови кои се главни ѕвезди во тимот како Расмус Лауге и Рене Тофт Хансен. Нивна главна одлика е цврстата одбрана, ние мораме да бидеме дисциплинирани во нападот, да ги лимитираме грешките и со тоа да ја неутрализираме нивната транзиција. Добро сме тактички подготвени за противникот, ако одиграме најдобро што знаеме верувам дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Ќе ни биде потребна и поддршка од нашите верни навивачи и би сакал да ги поканам во што поголем број да додјат и да го проследат овој квалитетен натпревар“, изјави Џонов.
Натпреварот кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан со почеток во 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА