Алкалоид против српска Војводина ја почнува „европската авантура“

Ракометниот вицешампион на Македонија, Алкалоид вечерва против српскиот шампион Војводина ќе го има својот деби настап во Европа, во 1. коло од второто по ранг натпреварување на стариот континент, Лигата на Европа.

Тренерот на скопскиот клуб, Кирил Лазаров пред мечот вели дека се надева дека неговите ракометари ќе одговорат на притисокот.

„Очекувам квалитетен натпревар  и се надевам дека моите играчи ќе одговорат на притисокот. Моите играчи чувствуваат мала трема, но тоа е нормално и јас сум бил ракометар и знам како е тоа. Доколку бидеме на потребното ниво, мислам дека имаме шанса да ја изненадиме Војводина. Ова е наш почеток и се надевам дека ќе биде големо искуство за тоа што следува во иднина. Имам добро чувство и очекувам да одиграме квалитетен натпревар“, заврши Лазаров. 

Капитенот на клубот Игор Ѓоргиев вели дека се подготвени и мотивирани да почнат со победа.

„Како млада екипа која направи голем успех минатата сезона сега ни следува нов голем предизвик, Лигата на Европа. Таму за противник ја имаме Војводина која има голем број квалитетни играчи. Јас како капитен на екипата можам да кажам дека сме мотивирани и подготвени. За нас ова ќе биде големо искуство. Подгтовени сме и ја посакуваме победата. Сакам да ги поканам сите љубители на ракометот да ни дадат поддршка која што многу ќе ни значи“, изјави Ѓоргиев. 

Мечот меѓу Алкалоид и Војводина кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан за 20.45 часот.

Се вчитува...