Алонсо: Во Будимпешта бев како камиказа

По бројните проблеми што ги имаше во текот на сезонава со болидот на Мекларен, Фернандо Алонсо на последната трка за ГН на Унгарија што се возеше викендов на патеката Хунгароринг заврши на шетото место. По трката Шпанецот изјави дека возел како камиказа за да стигне до оваа позиција и да го помине Карлос Саинц од Торо Росо. Во последниот круг возачот на Мекларен дури постигна и рекорд што го дополни успехот во Будимпешта.

„Најбрзиот круг без сомнение беше изненадување. Шестото место исто така бидејќи се надевавме на седма или на осма позиција, но ете, работите некако се наредија. Знам дека во календарот на Ф1 има три или четири трки на кои може да бидеме конкурентни и должни сме да извозиме максимално таму. Овој викенд успеавме во тоа. Шестото место беше најдобриот можен резултат. Најбрзиот круг пак беше подарок, кој го примивме со задоволство“ – изјави Алонско.

На трката во Будимпешта, Алонсо имаше спорна битка со возачот на Торо Росо, Карлос Саинц и призна дека воопшто не му било лесно да се бори со својот сонародник.

Со Карлос бевме многу блиску еден до друг. По питстопот знаев дека ќе имаме само два круга во кои ќе можам навистина да притиснам со новите пневматици. Направив неколку маневри како камиказа, немаше друг начин. На крај успеав, но мора да признаам дека Карлос и овој пат возеше неверојатно добро“ – признава Алонсо.

Се вчитува...