Алушовски: Мора да го вратиме Пелистер каде што му е место!

Пелистер е есенскиот хит во македонската ракометна Супер лига. Со осум победи во серија битолскиот тим е на лидерската позиција на табелата во се поизедначената конкуренција во македонскиот шампионат. Под водство на Стевче Алушовски, Пелистер успешно ги надминува хроничните проблеми и чекор по чекор се враќа на старите патеки. Зад резултатите, како што вели стои верба и напорна работа, а како гаранција за стабилизирање на клубот доаѓа финансиската поддршка од општина Битола.

Формула е напорна работа и верба во она што го работиме со сите проблеми со кои се соочувавме во изминатиот период. Четворица играчи си заминаа поради финансиските проблеми, но успеавме и со тоа што го имаме да постигнеме добри резултати. Направивме една голема работа за Пелистер да го вратиме на патеките каде што му е местото. Уште не знаеме како ќе биде понатаму. Имаме млада екипа, деца што сакаат да работат. Задоволен сум од ангажираноста на ракометарите, од атмосферата во тимот, но и од она што се случува во и околу клубот“ – истакнува поранешниот македонски репрезентативец, Стевче Алушовски, сега во тренерска улога на клупата на Пелистер.

Засега работите во Пелистер одат во посакуваната насока. Општина Битола подмири дел од долгови на Пелистер и најавено е стабилизирање на финансиската состојба на клубот со поддршка од градот. Плановите се на полусезоната Пелистер да се стабилизира и на играчки план со 2-3 засилувања во составот.

Во овој дел од сезоната ни остануваат уште три тешки натпревари со Пролет, со Борец и со Прилеп, да го заокружиме овој дел. Во Супер лигата сега има изедначен квалитет што е добро за македонскиот ракомет бидејќи се подигнува квалитетот и буквално секој натпревар е дерби. На полусезоната треба да се комплетираме со уште 2-3 ракометари.  Голман и пикер ни требаат во секој случај бидејќи на овие позиции сега сме со по еден играч. Во план е да донесеме и еден бек. Тогаш сигурно ќе бидеме и многу поконкурентни иако и со ваков редуциран состав засега добро се држиме. Верувам дека ќе одиме скала по скала нагоре, според планот да се зголемува и буџетот и од сезона во сезона да одиме напред и за некоја година да бидеме конкурентни за настап во регионалната СЕХА лига. Од општина Битола има цврсти уверувања дека клубот ќе има финасиска поддршка од градот што е еден од главните предуслови да имаме стабилен клуб. И што е најважно, да имаме континуитет и планска работа“ – истакнува Алушовски.

Се вчитува...