Американците и без пот до „плус 21“ против Чешка

Репрезентацијата на САД без многу мака го скрши отпорот на Чешка за рутинска прва победа на светскиот шампионат во Кина (88-67). Американските кошаркари наметнаа темпо што Чесите го издржаа само во првата четвртина (17-14), за потоа да стигнат до двоцифрена предност, на одмор да заминат со водство од 43-29 и рутински да ја одржуваат позитивата во второто полувреме.

Донован Мичел со 16 поени беше најефикасен во американскиот состав, каде двоцифрен ефект имаа и Барнс со 14 и Вокер со 13 поени. Најдобри поединци во чешкиот табор при денешниот пораз беа Саторански со 17 и Хрубан и Бохачик со по 13 поени.

Франција по голема битка славеше над Германија со резултат 78-74. „Триколорите“ тргнаа моќно и во првата четвртина примија само четири поени (16-4), по што двоцифрената предност ја одржуваа во поголем дел од натпреварот. Германците не се предадоа, на две минути до крајот намалија на 71-68, но немаа сили за целосен пресврт на овој натпревар.

Фурние одигра извонреден меч остварувајќи дабл-дабл од 25 поени и 10 скокови, Мбаје реализираше 21 поен за „триколорите“, а најефикасен во таборот на Германците беше Фоигтман со 25 поени.

Се вчитува...