Репрезентацијата на САД без конкуренција е најголемо разочарување на СП 2019 во Кина, откако бранителите на трофејот го завршија овој шампионат само на седмото место. По поразите од Франција и од Србија, американските кошаркари денеска барем успеаја да триумфираат над Полска (87-74) и со победа го завршија настапот во Кина. Седмата позиција е најслаб пласман во историјата на САД на еден кошаркарски мундијал, полош и од шестото место освоено на СП 2002.
Избраниците на селекторот Попович целата работа ја завршија уште во првото полувреме, во кое стигнаа до убедливо водство од 47-30. Полјаците покажаа заби во вториот дел, враќајќи ја за момент неизвесноста со серија од 10-0, но сепак немаа сили за целосен камбек. И во третата и во четвртата четвртина полските кошаркари стигнуваа до седум поени негатива, но тоа беше се што можеа да сторат, Американците одолеаја на нивниот налет и заслужено славеа на овој натпревар.
Мичел со 16 поени беше најефикасен во победничкиот тим, пред Херис со 14 и Мидлтон со 13 постигнати поени. Во полскиот табор најдобри поединци во последниот мундијалски меч беа Понитка со 18 и Вачински со 17 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА