Американците се навредија: Па не сме собрани од улица, ние сме од НБА

Дури 16 кошаркари му откажаа на селекторот Грег Попович при составувањето на американскиот дрим-тим за настап на светскиот шампионат во Кина, по што е јасно дека оваа репрезентација не делува така непобедливо како што беше случај на последните големи натпреварувања. Голем дел од аналитичарите прогнозираат дека САД веќе не е ниту прв фаворит за златото, а ФИБА на најновата ранг-листа пред Мундијалот на врвот ја постави селекцијата на Србија.

Кошаркарите кои прифатија да настапуваат за селекцијата на САД во Кина на сето ова гледаат како навреда.

„Не можам да разберам што се зборува и се пушува за нас… како да сме собрани од улица… Па ние сме НБА-кошаркари кои се многу добри во она што го прават. Ваквите работи се само мотив плус за нас, да покажеме што знаеме во Кина“ – истакна Џејсон Тејтум од екипата на Бостон селтикс.

Лидер на американскиот состав се очекува да биде Кемба Вокер, кој е единствениот олстар-играч на списокот на Попович.

„Немаше да стигнеме до НБА и да играме врван кошарка ако не бевме доволно добри. Моравме да се докажуваме и успеавме, истото ќе го сториме и во Кина. Сите оние кои ја критикуваат оваа репрезентација треба да знаат дека сме гладни за успех“ – порача Вокер.

Се вчитува...