Американците се спасија, турско „самоубиство“ при добиен меч

Репрезентацијата на САД остана непоразена и по второто коло од Мундобаскет, откако дури по дополнителни пет минути триумфираше над Турција со минимални 93-92. Ова дефинитивно е еден од најболните порази во историјата на турската кошарка ако се знае колку блиску беше оваа селекција до сензација, најпрвин загуби предност од плус два на 0,1 секунда до крајот на регуларниот дел, а потоа и промаши четири слободни фрлања во серија во последните десет секунди од продолжението.

Мечот почна онака како што посакуваа Американците, експресно поведувајќи со 10-2 и контролирајќи го целосно резултатот во првото полувреме. Во 15. минута селекцијата на САД стигна до предност од „плус петнаесет“, но Турците подобро го затворија полувремето и на одмор се замина со само пет поени разлика (47-42).

Како што одминуваше времето, американскиот состав не успеа да се одлепи, со тоа растеше и нервозата кај избраниците на Попович, а се зголемуваше самодовербата кај турските кошаркари. Во последните пет минути се играше максимално израмнето, а Турција до првото водство стигна на само 12 секунди до крајот, откако Илијасова одлично се снајде по офанзивниот скок по промашувањето на Осман. Притисокот беше огромен, а возбудата кулминираше кога на 0,1 секунда до крајот Осман направи прекршок врз Тејтум, со што американскиот кошаркар имаше доби три слободни фрлања за да направи целосен пресврт. Тој беше прецизен само двапати, па овој драматичен натпревар мораше да биде решен со продолжение (81-81).

Полни со самодоверба, турските репрезентативци со тројките на Осман и на Махматоглу поведоа со 89-84, но Кемба Вокер со пет поени во серија донесе израмнување, пред Тејтум од контранапад да донесе предност на САД од 91-89 на две минути до крајот на продолжението. Охриѓанецот Џеди Осман блесна со „два плус еден“, носејќи ново водство на Турција (92-91), избраниците на Сариџа имаа и напад при овој резултат, но Вилбекин направи лична грешка во напад, оставајќи им го на Американците последниот напад. Попович зеде тајмаут, но само неколку секунди подоцна Балбај му ја украде топката на Тарнер, по што беше досудена неспортска лична грешка.

Тензиите продолжија откако Балбај ги промаши двете слободни фрлања, веднаш беше направен фаул врз Осман по што и охриѓанецот исто така беше двапати непрецизен. Кошаркарите на САД експресно тргнаа во контра, Мидлтон беше фаулиран, по што асот на Милвоки ги погоди двете слободни фрлања и фаворитот поведе со 93-92. Сариџа зеде тајмаут на две секунди до крајот, но Илијасова го промаши шутот за победа, за конечни 93-92 за САД.

Мидлтон со 15 поени беше најефикасен во американскиот состав, Кемба Вокер постигна 14, а први стрелци во турскиот табор беа Илијасова со 23 и Махматоглу со 18 поени.

Се вчитува...