Американците убедливи со Бразил, на ред е Франција

Американскиот национален тим и на петтиот меч на СП 2019 во Кина стигна до победа, овојпат против селекцијата на Бразил со убедливи 89-73. Избраниците на селекторот Попович едно полувреме се мачеа со „кариоките“ за потоа да стигнат до убедлива победа која им го осигура првото место во групата и дуел со Франција во четвртфиналето.

„Кариоките“ успеаја да парираат во првото полувреме, а мора да се истакне дека во 13. минута исклучен беше селекторот Александар Петровиќ, кој бурно реагираше на една судиска одлука, па набрзина доби две технички грешки. На одмор се замина со резултат 43-39, за во вторите 20 минути Американците да наметнат темпо што ривалите не успеаја да го следат, па мечот заврши со „плус 16“ за фаворитот.

Кемба Вокер и Мајлс Тарнер со по 16 поени ги предводеа стрелците во американскиот табор, додека кај Бразил најефикасен беше Бените со 21 поен.

Се вчитува...