Аморим: Нека ме отпуштат, нема да им барам пари… но никогаш нема да си поднесам оставка

Катастрофалната сезона на Рубен Аморим како предводник на Манчестер Јунајтед заврши со пораз во финалето од Лигата на Европа од Тотенхем, со што „црвените ѓаволи“ го допреа дното, губејќи ја и последната шанса да стигнат до билет за учество во ЛШ следната сезона.

Португалецот требаше да донесе напредок во тимот по заминувањето на Тен Хаг, но се случи токму спротивното, па „црвените ѓаволи“ ги имаат најслабите резултати во Премиер-лигата во последните 50 години, останувајќи без учество во европските купови што сигурно ќе се одрази и врз буџетот за засилувања во летниот преоден рок.

„Мислам дека бевме подобар тим во финалето. Имавме посед, имавме шанси… за жал во фудбалот тоа не е доволно ако не знаеш како да постигнеш гол“, истакна Аморим.

Португалецот децидно порача дека нема намера да поднесе оставка, но и потенцираше дека ако клубот реши да му врачи отказ, тој нема да бара пари како компензација за преостанатите четири години од договорот.

„Немам што да им порачам на навивачите, јас сум разочаран исто така…. Како што реков и претходно, се работи само за верба, јас уште сум убеден дека можам да направам големи работи со Манчестер Јунајтед. Ако управата реши дека не сум вистинскиот човек, следниот ден ќе си заминам и нема да барам никаква компензација. Едно треба да знаете, никогаш нема да си поднесам самиот оставка, бидејќи верувам во ова што го правам и во методите што ги користам“, порача Рубен Аморим.

Се вчитува...