АМС ‘аут оф спејс’: Избор на најдобрите – загубен во формите!

Декемврискиот предновогодишен период стандардно ги отвора дилемите околу квалитетот на македонскиот спорт чии резултати треба да бидат преточени во награди за најдобрите во годината што изминува. И пред завршувањето на 2018, медиумите го добија листите со номинации на кадидатите за престижната награда кој ја доделува Агенцијата за млади и спорт. Веднаш е забележително дека во системот на наградување нема никакви промени во однос на претходните години. Номинирањето и одредувањето на лауреатите е комплетно исто.

Доволно е само да го погледнете официјалниот допис од Агенцијата за млади и спорт, владиното тело задолжено за спорт во државата да ви стане јасно дека околу наградите за „Најдобрите спортисти во Македонија за 2018 година“ нешто не е како што треба. Апсолутно имаме разбирање дека не им работи доволно добро копчето „спејс“ на тастатурата, но тоа е далеку од доволно алиби за државна институција да испрати текст во кој половина и повеќе зборови се неодделени. „Хаштаг“ комуникација е недозволена.

И ова се чини е најмалиот проблем околу наградите кои години наназад постојано се проблематизираат. Минатата година новата гарнитура која ја презеде агенцијата имаше затекната состојба и со тоа ги објаснуваше номинациите за кои имаше серија критики. Меѓутоа оваа година се соочуваме со идентична слика.

Објаснувањето на Агенцијата секако ќе биде дека принципот на прибирање на кандидатите е врз основа на номинациите испратени од федерациите и од клубовите. Но, тоа објаснување веќе не држи со оглед дека темата за системот на избирање на кандидатите веќе беше на јавна дискусија и анализа, промени беа најавени и ветени.

Ако веќе е забележано дека ваквиот систем на номинации не е доволно добар бидејќи постојано добива критики, неизбежно е доделувачот на наградите да ја преземе одговорноста. Бидејќи одговорноста и е на Агенцијата за млади и спорт. Таа е институцијата која ги доделува наградите и од таму не може да не биде одговорна за номинираните. Клубовите и федерациите можат да номинираат и кого сакаат.

Она што е повторно забележително во номинирањето е проблематичното прашање за таканаречениот „најдобар спортист на Mакедонија во странство“. Во оваа категорија годинава се капитените на три национални состави, Кирил Лазаров, Горан Пандев и Никола Ѓоргиев. Во објаснувањето за нивната кандидатура стојат постигнувањата што ги имаат со репрезентациите, а дури потоа клупските резултати. Од таму многу е нејасно зошто овие тројца не е во категоријата спортист на Македонија.

Наградата за најдобар спортист во годината ја понесуваат врвните спортисти кои биле забележителни на сите нивоа без разлика дали доаѓаат од екипните или од поединечните категории. Критериумите и вредносните одредници се единствени и во спортот многу лесно мерливи. За номинациите се грижи тој што ги доделува наградите, ако веќе се потврдило дека демократското решение да се дозволи сите да имаат право да предложат многу често не ја отсликува реалноста.

Се вчитува...