АМС: Големи нерегуларности во работата на Боречката и на Скијачката федерација

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и Заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупција човечки ресурси и одржлив развој, Љупчо Николовски  на прес-конференција објавија за големи нерегуларности во работата на Боречката и на Скијачката федерација на Македонија.

„Од преставките што пристигнаа до мојот кабинет, и од приложените документи јасно се гледа дека постојат нерегуларности во работата на федерациите, кои треба да бидат промотори на спортот, но и пропусти на инспекциската служба. Целокупната документација доставена од подносителите против Боречка федерација, од страна на мојот Кабинет е препратена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Секоја дополнителна документација што ќе ни биде доставена на увид, ќе биде доставена до надлежните органи за откривање на криминал, се со цел спроведување на детална и целосна истрага“, изјави вицепремирот Николовски.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Мојсовски посочи дека по поднесените претставки до кабинетот на вицепремирот Николовски и по направените анализи, Агенцијата за млади и спорт согласно својата надлежност поведе дисциплинска постапка против самостоен инспектор, кој ја испитувал работата на двете федерации.

„Ова го направивме од причини што постојат сериозни индиции за определени пропусти при вршење на инспекцискиот надзор од страна на инспекторот, од една страна, а од друга страна тоа ќе биде можност да се расветлат евентуалните злоупотреби и нерегуларности во работењето на посочените федерации. Сите федерации се должни да го почитуваат Законот за спорт и Законот за здруженија на граѓани, во зависност од тоа како се организирани и како функционираат, бидејќи само на таков начин можеме да очекуваме развој на спортот во РСМ и постигнување на одлични резултати од нашите спортисти “, рече директорот Мојсовски.

Се вчитува...