Ваучер-системот преку кој функционираше целокупниот македонски спорт во последните години е укинат, на начинот на кој досега функционираше, со промените поврзани со Законот за данок на добивка, преку кој беше регулиран истиот. Домашните компании дел од годишната добивка место на име данок во државниот буџет, ја уплаќаа на спортските субјекти како начин за нивно спонзорирање.
Но, од 1. јануари 2024 година се укинати правата и обврските на спортските субјекти за добивање и користење на ваучерите според досегашниот начин. Сето тоа донесе силни недоумици кај клубовите и федерациите затоа што, во меѓувреме, не е донесено друго законско решение, поради што македонскиот спорт влегува во еден нов „вакуум простор“.
Сепак, по укинување на досегашниот начин на користење на ваучерите, денеска со соопштение и од Агенцијата за млади и спорт кои нагласуваат дека спортските ваучери не се укинуваат, туку се менува единствено начинот на реализација на спортските ваучери, и како што било претходно најавено, државата директно ќе ги исплаќа средствата на спортските субјекти кои ќе имаат право на спортски ваучер. Веќе е подготвено и новото предлог законско решение.
СООПШТЕНИЕТО ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА МЛАДИ И СПОРТ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
Почитувана спортска јавност,
Агенцијата за млади и спорт во врска со измените во Законот за данок на добивка кој се однесуваат на даночно ослободување за националните спортски федерации, спортски клубови и активните спортисти, ве известува дека со овие измени не се укинуваат спортските ваучери, туку се менува единствено начинот на реализација на спортските ваучери, и како што беше претходно најавено, државата директно ќе ги исплаќа средствата на спортските субјекти кои ќе имаат право на спортски ваучер.
Агенцијата за млади и спорт во координација со Министерството за правда, го имаат подготвено новото предлог законско решение со кои ќе се уреди новиот начин на реализација на спортскот ваучер и истиот е во фаза на усогласување со надлежните институции за да се овозможи отпочнување на собраниска процедура за новите предлог законски измени.
Поддршката во спортот со спортскиот ваучер ќе продолжи, оваа мерка со новиот начин ќе се унапреди, и сите кои имаа потешкотии од било кои причини при реализација на спортскиот ваучер, тој проблем веќе ќе го немаат. Злоупотребите од нечесните компании кои бараа услуги за реализација на спортскиот ваучер, ќе престанат и сите средства ќе се користат за унапредување на спортот и за потребите на спортистите.
Со почит
Агенција за млади и спорт на Република Северна Македонија
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА