АНАЛИЗА – Ацо Тодоров: Косово нема плејмејкер, ниту пак одбрана за нашиот „пик-ен-рол“

Александар Тодоров се врати на клупата на МЗТ Скопје, откако голем дел од минатата сезона (од септември до март) го мина во Косово, на кормилото на Пеќ. Македонскиот стратег е добро запознаен со квалитетите на селекцијата што е прв противник на нашиот национален тим во претквалификациите за СП 2019, за која нема превисоко мислење.

Најголем проблем во моментов им е плејмејкерска позиција, бидејќи нивниот стартер кој учи на колеџ во САД, Џаред Сина, е повреден и не настапи на ниту еден пријателски натпревар. Во неговото отсуство таа улога ја добиваат Дардан Бериша, нивниот најдобар кошаркар кој е далеку од плејмејкер, и еден млад играч Леонард Мекај, кој минатата сезона беше резервен плејмејкер во мојот тим Пеќ. На „двојка“ го имаат Бериша, кој е неприкосновен лидер со огромна слобода во играта. Тој ланската сезона играше во Полска и во Италија, а сега се враќа назад во Приштина. Тука е и Кастрати од Крка, за кого федерацијата на Косово плати значителна сума за да добие зелено светло за настап бидејќи станува збор за играч кој ги минал сите младински селекции. На крило тука е Дриљон Хајризи, кој минатата сезона играше за Приштина, но кој исто така имаше здравствени проблеми по завршување на сезоната и игра многу слабо на сите пријателски натпревари“ – вели Тодоров.

Реален проблем за македонската репрезентација е центарската позиција каде сме најдефицитарни, но според Тодоров ниту противникот не е премногу силен на овој дел од теренот.

Прва опција на крилен центар е Аљбан Весељи, кој минатата година имаше одлична сезона во Пеќ, на сите три фронта и кој сега потпиша за Приштина. На сите досегашни средби тој беше најдобар играч заедно со Бериша. „Бекап“ варијанта за оваа позиција е Гзим Морина, поранешен кошаркар на Олимпија и на словенечка репрезентација, за кого исто така беа платени пари како отштета за да се добие право за настап за косовска репрезентација. Под кош како класичен центар имаат двајца кошаркари, едниот е Шоши, кој до оваа година настапувал на Универзитет во САД, и кој е третата опција во напад, по број на постигнати поени на пријателските натпревари. Негова резерва е Фисник Ругова, кошаркар на Приштина со лимитирано кошаркарско знаење, но е нивни највисок играч“ – истакнува Александар Тодоров.

Според тренерот на МЗТ Скопје, квалитетот е апсолутно на страната на македонскиот национален тим, но клучно сепак ќе биде да се одолее на притисокот од трибините.

Единствената предност што Косово ја има е што ќе игра пред полна сала во Приштина, позната како сала каде може да се направи голем притисок. Инаку, гледано кошаркарски предноста е на наша страна. Мислам дека тактички сме убедливо посилни, без оглед на фактот што противникот доведе Американец за тренер, за кого не сум сигурен дека ќе успее да најде противигра во одбрана за нашиот напад „пик ен рол“ со одлични играчи како Војдан, Костоски и Теодор. Така, ако успееме да одолееме на притисокот од трибините, верувам дека би можеле да славиме и во Приштина, додека на домашен терен сум убеден дека ќе триумфираме со најмалку 15 поени разлика“ – оптимист е повратникот на клупата на МЗТ Скопје.

Се вчитува...