Анчелоти барал лево крило, а го добил Елмас

Карло Анчелоти повеќе не е тренер на Наполи, плаќајќи ја цената за серијата очајни игри и резултати во домашното првенство, каде „наполитанците“ уште во првиот дел од сезоната ја загубија трката за скудетото. Тренерот вообичаено е главен виновник во такви ситуации, но италијанските медиуми потенцираат дека голем дел од вината треба да се бара кај раководството на клубот поради неисполнетите ветувања во текот на летниот преоден рок.

Весникот „Ла Стампа“ напиша кратка анализа за она што Анчелоти го барал како засилување за тимот, а што не му било исполнето. Воедно, во целата приказна влегува и трансферот на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас од редовите на Фенербахче.

„Анчелоти го сакаше Икарди како предводник на нападот, а за таа цел беше подготвен и да се раздели од Инсиње. Проблемот беше што Икарди не сакаше да дојде, па се знаеше дека ако си замине од Интер, тоа ќе биде во Јувентус или во ПСЖ. На крајот, тој заврши во Франција, а Наполи мораше да се задоволи со Лозано од ПСВ Ајндховен. Карло сакаше да се ослободи од Инсиње, кој не му се вклопуваше во тактичките замисли, но управата реши да го задржи капитенот. Покрај тоа, Анчелоти бараше нов играч на позицијата лево крило, но наместо тоа го доби Елиф Елмас, кој е централен играч за врска“ – пишува „Ла Стампа“.

Се вчитува...