Анчелоти: Двајца фудбалери синоќа не го покажаа потребниот квалитет

На деби настапот во новата сезона од шпанската Примера, Карло Анчелоти ги ротираше играчите во стартната постава, па на гостувањето во Алмерија им даде шанса на двете нови засилувања, но и на Едуардо Камавинга.

Антонио Ридигер доби доста критики од јавноста за голот кој го прими Реал Мадрид, по кој „кралевите“ мораа да бркаат негатива и пресврт во останатиот дел од мечот.

Анчелоти не се согласува со тоа и порача дека стоперот имал добра партија, но призна дека останатите двајца, односно младите Камавинга и Чуамени останале импресионирани од тоа што се стартери и не биле на препознатливото ниво од тренинзите.

„За мене Ридигер имаше одличен меч. Тој има големо искуство и добро се снајде во повеќе ситуации. Двајцата млади играчи во стартната постава не одиграа онака како што знаат (алудирајќи на Камавинга и Чуамени). Овојпат не го покажаа квалитетот кој редовно го прикажуваат на тренинзите, но тоа е доста нормално за нив. Тие се многу млади, а овој дрес навистина многу тежи“, изјави Анчелоти.

Италијанецот го извади и Чуамени во 58-та минута, а со влегувањето на Модриќ, Азар и Алаба, Реал направи пресврт и славеше со резултат 1-2 на првото гостување во новата сезона.

Се вчитува...