Анчелоти: Винисиус нема да си замине од Реал, но ова не е нормално

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, повторно јавно му изрази поддршка на Винисиус откако бразилскиот ас беше цел на расистички напади и на последното гостување против Валенсија.

Скандалозното однесување на противничките фанови кон Винисиус придонесува тој се почесто да ги губи нервите на дуелите надвор од Мадрид, но според Анчелоти тоа не значи дека Бразилецот ќе си замине од клубот и од шпанскиот фудбал севкупно.

„Не верувам дека Винисиус ќе си оди од Реал. Тој е вљубен во нашиот клуб, сака да остане тука и да освои уште многу трофеи во Мадрид. Секако дека ова е тензичен период за него, многу работи му минуваат низ главата, но Винисиус сака да остане во Реал, не се сомневам во тоа“, изјави Анчелоти.

Тој се осврна и на ненормалната атмосфера што најчесто владее на трибините на стадионите во Шпанија.

„Не треба да се остане само на вербална осуда на она што се случи, мора да се преземат конкретни мерки. Имав можност да работам во Англија, каде противниците не те навредуваат, само си го бодрат сопствениот тим. Тие си го решија проблемот пред многу години, откако беа казнети од европските натпреварувања. На англиските стадиони нема полиција. Во Шпанија кога се приближувате до арената гледате само полициски возила, како да е воена зона. Навистина ненормална ситуација“, прокоментира трофејниот стручњак.

Се вчитува...