Андреј Басаров со сребрен медал на Европското првенство во Финска

Македонскиот каратист Андреј Басаров се закити со сребрениот медал во категоријата до 70 килограми на Европското првенство во карате што се одржува во Тампере, Финска, каде што се натпреваруваат околу 1000 млади каратисти од 45 држави.

На патот до финалето Македонецот ги победи Гркот Екторас Пергантис со 2:0 во второто коло, Романецот Алексанру Гулас со 3:0 во третото и Грузиецот Дугладѕе Тимоте со 1:0 во четвртото коло, а во финалето се сретна со Нихад Каримзада, а и покрај тоа што мечот заврши со 0:0, судиите одлучија победник да биде претставникот од Азербејџан – по нивно уверување.

Од останатите македонски претставници, Иљи Биљали беше многу блиску до медал, но заврши на петтото место во категорија до 57 килограми, Александар Неделковски натпреварувањето го заврши на 7. место во натпреварувањето во кати, а идентичен настап имаше и Данка Стојкова.

Другите наши натпреварувачи завршија без позначаен пласман. Утре и во недела се натпреварите за јуниори и У21, како и екипните настапи.

Се вчитува...