Ангеловски: Играчки сме катастрофа, ќе има добро „рибање“ во соблекувална!

Тренерот на Е. Пелистер, Бранислав Ангеловски е задоволен од пласманот на неговиот тим во финалето од Купот на Македонија, но и тоа, како што самиот истакна, е разочаран од изданието на неговите ракометари.

Ангеловски и во текот на мечот не ‘штедеше’ и навреди за своите ракометари, а по натпреварот истакна дека ќе има добро „рибање“ за нив во соблекувалната.

„Најпрво сакам да им честитам на моите ракометари за пласманот во финалето. Но тоа е честитка само за резултатот. Резултатски е добро што сме во финало, но играчки сме катастрофа. Ќе има добро рибање сег во соблекувална“ – истакна Ангеловски по победата над Тиквеш од 33-29 и дополни:

„Секогаш имаме проблем кога играчите ќе се вратат од репрезентативните обврски, затоа што таму имаат некој свој систем на игра и некако се исклучени од фокусот на клупските задачи. Затоа и имавме толку многу недостатоци во играта денеска кои ќе мора да се корегираат“.

Во недела Е. Пелистер го очекува финале. Кого го посакувате, Вардар или Алкалоид?

„Прво да се одмориме и да се рестартираме психолошки. Воопшто не ни е важно против кого ќе играме, ние мора да се погледнеме самите и да се фокусираме на нашата игра. Затоа што и ова денеска можеше да биде финале и можеше да го загубиме. Недозволиви се вакви епизоди“ – вели Ангеловски.

Се вчитува...