Ангеловски: Јас прв поставувам високи цели за ЕП – пласман во втората фаза!

Македонскиот селектор Игор Ангеловски по соопштувањето на списокот од 26 фудбалери за настап на Европското првенство, истакна дека целта на националниот тим е минување на групата и пласман во втората фаза од собирот на најдобрите на Стариот континент.

„Најпрво сакам да искажам дека се чувствувам горд што дочекавме еден македонски селектор да соопштува список за настап на Европско првенство. Задоволни сме што ќе бидеме дел од најдобрите на Стариот континент, но сето ова ни носи обврска и во најдобро можно светло да го претставуваме македонскиот фудбал. Јас сум првиот кој високо ги постави приоритетите и целите за ЕВРО 2020 а тоа е место во втората фаза од шампионатот, место во осминафиналето на ЕП“ – истакна Ангеловски на прес-конференцијата по соопштувањето на репрезентативниот список.

Македонија е во група со Австрија, Украина и Холандија на првенството.

„Знаеме дека не очекуваат повеќе од квалитетни противници, но ние си имаме свои цели. Сигурно, и по онаа победа над Германија, сега противниците многу подлабоко ќе ја анализираат нашата репрезентација. Знам дека и нашите навивачи по таа победа сега сакаат Македонија да биде и европски шампион, но мора да бидеме трпеливи и мудро да играме на престојното првенство. Ја прифаќаме аутсајдерската улога, но ги знаеме и сопствените квалитети“ – вели Ангеловски.

Првиот собир на репрезентативците на стартот од подготовките за ЕП е закажан за 25. мај во Скопје каде ќе течат целокупните подготовки и ќе бидат одиграни пријателските натпревари со Словенија (1. јуни) и со Казахстан (4. јуни).

Се вчитува...