Ангеловски: Од утре ќе го живееме она што со Горан го договоривме пред шест години во Џенова

ЕКИПА во Букурешт,

Владимир Булатовиќ, Роберт Спасовски (ФОТО)

Македонскиот селектор Игор Ангеловски на официјалната прес-конференција во Букурешт пред утрешното деби на ЕВРО 2020, уште еднаш повторно истакна дека националниот тим живее емотивни мигови поради историското учество на ЕП кои тешко се скротуваат, но сето тоа е само мотив повеќе да не се застане само на пласманот на Европското првенство.

„Не можеме да сокриеме дека сме обземени од силни емоции сите во националниот тим. Јас лично може само да им заблагодарам на капитенот Горан Пандев и овие момци што не доведоа сите ние да го живееме овој сон. Среќни сме што Македонија и цела наша јавност, за првпат, ќе може да навива за својата земја на еден ваков европски собир. Со тоа треба да се гордееме но не и тука да застануваме, затоа што можеме уште повеќе“ – истакна селекторот Ангеловски, притоа дополнувајќи:

„Оваа приказна почна пред шест години кога отидов кај Горан во Џенова и само му посочив дека е премногу голем за да ја заврши неговата фудбалска приказна недозавршена до крај. Побарав да дојде и еден ден заедно да го славиме настапот на едно големо фудбалско натпреварување. И успеавме во тоа“.

Македонија е третирана како аутсајдер во Групата Ц…

„Знаеме дека не сметаат за аутсајдери на првенството. Но, и тоа не ни пречи. Напротив, ни носи и дополнителен мотив на секој натпревар. Добро сме подготвени, одработивме добри подготовки и тука во Романија, знам дека секој од фудбалерите со нетрпение ја очекува пресметката со Австријците“ – истакна Игор Ангеловски.

Се вчитува...