Ангеловски: Поголем противник сме ние самите на себе, отколку што е Лихтенштајн

Македонскиот селектор Игор Ангеловски вели дека овој пат Македонија безусловно ја презема фаворитската улога во новиот квалификациски натпревар за пласман на СП 2018, против Лихтенштајн кој го играме на 24. март на гостински терен.

Македонија ќе атакува на трите бода во Лихтенштајн кои мора да се освојат без никакво оправдување. За тоа е свесен и македонскиот селектор…

„За разлика од претходните натпревари сега ние ја преземаме фаворитската улога, и не бегаме од тоа. Мислам дека поголем противник ќе биде нашиот менталитет отколку Лихтенштајн. Но, и тие веќе не се потполни аутсајдери. Нема веќе такви селекции во Европа, затоа ќе треба добро да се потрудиме за да дојдеме до посакуваната победа“ – рече Ангеловски на денешната прес-конференција.
На списокот за дуелот со Лихтенштајн, Ангеловски повика 21 фудбалер. Ги нема поради повреди Енис Барди и Стефан Спировски, а поради жолти картони нема да се смета и на Езгијан Алиоски.
„Не сум задоволен од игрите на Жута, затоа овојпат го нема во селекцијата. Повик доби Ејупи поради добрата форма а ја следиме ситуацијата со Хасани и неговата повреда на коленото. Лигаментите на коленото не се оштетени, а сега треба да мине целосни прегледи пред да видиме дали ќе може да сметаме за дуелот со Лихтенштајн“ – вели Ангеловски.
По натпреварот со Лихтенштајн, дел од младинските репрезентативци ќе бидат ослободени за подготовките на младата селекција под водство на Благоја Милевски, а Ангеловски најавува можност да бидат повикани нови имиња во сениорскиот тим за пријателскиот дуел со Белорусија.

Се вчитува...