Ангеловски пред Пик Сегед: Гостуваме на тежок терен, ги знаеме нивните силни страни

Ракометарите на Еурофарм Пелистер по репрезентативната пауза се враќаат и на обврските во европските натпреварувања, со гостувањето против унгарскиот гигант Пик Сегед (четврток, 18.45 часот). Македонскиот првак има шест порази во првите шест рунди, ќе ја има улогата на аутсајдер во Унгарија, но тренерот Ангеловски верува во добро издание на своите избраници.

„Нашата екипа е конструирана за Лигата на шампионите и ни следи уште еден тежок натпревар. Можеме да бидеме задоволни со добрите игри, но не можеме да бидеме среќни, затоа што резултатите изостануваат. Се надевам дека со добра игра ќе дојде и тој посакуван резултат и таа победа во Лигата на шампионите. Подготвени сме за двомечот со ПИК Сегед. Знаеме дека гостуваме на тежок терен и пред жешка атмосфера. Но, за тоа ќе добијат реванш во нашиот храм, пред нашите верни навивачи. Ги знаеме нивните силни страни и ќе се обидеме да ја затвориме нивната транзиција и играта преку кружниот напаѓач. Бомбач е „моторот“ на тимот, словенечката линија и Степанчиќ се моќно оружје, но тука се уште унгарските ракометари и Калараш. Знаеме дека може да играат „седум на шест“, можат да се трансформираат во одбрана од 6-0, во 5-1, но ќе бидеме спремни на сите нивни решенија“, изјави тренерот на Е. Пелистер во пресрет на овој дуел.

Според стратегот на битолчани, многу важно ќе биде тимот конечно да одигра еден натпревар на високо ниво во текот на сите 60 минути.

„Едно е јасно, ние не смееме да се предаваме, видовте против Киелце имавме слабо отворање, но се вративме. Игравме одлични периоди и во Париз и во Загреб, но паѓавме во завршницата. Посакуваме добра игра во текот на целиот натпревар, што ќе ни даде мотив во Битола да бидеме уште подобри и да извојуваме победа“, истакна Ангеловски на денешната прес-конференција.

Се вчитува...