Ангеловски: Утре ќе бидеме противници на терен, но сакам Романците да бидат наши поддржувачи на Европското првенство

ЕКИПА во Букурешт, Романија

Владимир Булатовиќ

Низ максимално оптимистичко расположение македонската репрезентација го очекува утрешниот старт на квалификацискиот циклус за пласман на СП 2022. Прв мегдан за националниот состав низ мундијалскиот пат ќе биде дуелот со Романија на Националната арена во Букурешт.

Селекторот Игор Ангеловски, на официјалната прес-конференција пред средбата, истакна дека тимската игра треба да не доведе до позитивен старт на новиот квалификациски циклус.

„Без разлика на некои отсуства, најважно е да функционираме досега и како тим, и моја задача е на терен да го извадам максимумот од секој кој ќе настапи. Доаѓаме во една пријателска земја, носиме и емоции затоа што Букурешт ќе биде наш дом и на Европското првенство, па сето тоа верувам дека ќе ни биде и добар мотив за квалитетен натпревар“ – истакна Ангеловски, притоа дополнувајќи:

„Утре со Романија ќе бидеме противници на терен, но Букурешт како наш дом за ЕП посакувам да ни ја даде сета поддршка во јуни на Европското првенство. Романците како наш пријателски народ посакувам да ни дадат безрезервна поддршка на ЕП. Но, сега за сето тоа е многу рано, а единствено во моментов сме фокусирани на утрешниот дуел и желбата позитивно да ги стартуваме новите квалификации. Романија е една одлична репрезентација со одлични поединци, но и ние можеме да бидеме едно ниво погоре, затоа што и претходно со поквалитетни репрезентации како Словенија, Израел, покажавме дека може да се носеме“.

Ангеловски истакна и желба селекторот на Романците, Радои, да го надмине коронавирусот и утре да биде на селекторската клупа.

„Би сакал да му посакам и на мојот колега, селекторот на Романија, господинот Радои да има негативен тест на Ковид-19 и утре да биде на терен на меѓусебниот натпревар“ – истакна Ангеловски на средбата со медиумите.

Се вчитува...