Англиските екипи кои се дел од Премиерлигата ова лето покажаа дека за нив нема граници кога станува збор за трансферите.
Премиерлигашите во летниот преоден рок потрошија неверојатни 4.077.400.000 евра за купување на 305 фудбалери, додека од продажбата на 277 играчи инкасираа 2.505.014.700 евра, покажуваат податоците кои ги објави интернет страницата специјализирана за трансфери „Трансфермаркт“.
Минатата година, Премиерлигашите потрошија 3.6 милијарди евра за купување на играчи, а оваа година дадоа дури 400 милиони евра повеќе.
Интересно е што дури 60 отсто од парите кои екипи ги дадоа за засилувања останаа во Англија бидејќи најголем дел премиерлигашите „соработуваа“ меѓу себе.
Меѓу десетте најголеми трансфери во летниот преоден рок, дури девет ги направија премиерлигашите, а исклучок е само Реал Мадрид кој за Јан Диоманде на Лајпциг му плати 125 милиони евра.
Најголем трансфер е тој на Енцо Фернандес кој од Челси за сума од 145 милиони евра се пресели во Манчестер сити. Граѓаните летово направија уште два трансфери кои се во топ 10, за Елиот Андерсон на Нотингам форест му платија 135 милиони евра, а на сметката на Лил легнаа 95 милиони за трансферот на Ајуб Буади.
Граѓаните кои за освежување на средниот ред потрошија дури 365 милиони евра, се најголеми трошаџии летово со вкупно 526 милиони евра.
Зад Сити е Челси кој потроши 406.7 милиони евра за нови играчи, а трет е Тотенхем кој даде 366.3 милиони евра. Њукасл е четврти најголем трошаџија со 313.8 милиони, потоа следуваат Астон Вила со 300.2 милиони, Ливерпул со 264.6 милиони, Арсенал со 227.1 милиони, Ипсвич со 220.6 милиони и Брајтон со 185.5 милиони евра. Најмалку потроши Кристал Палас – 63.5 милиони евра.
Најголема заработка од продажба на играчи оствари Челси. Сините продадоа 20 фудбалери за 447.5 милиони евра, а веднаш зад нив е Астон Вила со заработка од 360.2 милиони евра, а трет е Манчестер сити кој инкасира 337 милиони евра од продажба на фудбалери.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
