Англичаните со шест гола го казнија бугарскиот расизам, Украинците подобри од Португалија

Фудбалската репрезентација на Англија е на чекор до пласман на ЕП 2020, откако убедливо ја совлада Бугарија на гости во Софија со 0-6. Беше тоа и еден вид одмазда за расистичките навреди кои го добиваа англиските репрезентативци во текот на мечот, кој беше двапати во прекин. Маркус Рашфорд беше стрелец на првиот гол, потоа Баркли погоди двапати, а до крајот на првото полувреме и Рахим Стерлинг ја затресе мрежата на Бугарија. Во второто полувреме Стерлинг уште еднаш и Хари Кејн ја продолжија голеадата.

Косово ја совлада Црна Гора со 2-0, со головите на Рахмани и на Муричи и се доближи до Чешка, со надеж дека може да обезбеди пласман на ЕП од квалификациската група А.

Украина беше подобра од Португалија, славеше со 2-1 и обезбеди билет за континенталниот собир. Јаремчук и Јармоленко во првиот дел беа стрелци за Украинците, а намали Кристијано Роналдо од пенал во 72.минута.

Србија со двата гола на Александар Миттовиќ победи во Литванија со 1-2 и се врати во игра за пласман на ЕП 2020 од групата Б.

Франција и Турција ремизираа 1-1, резултат што и на двете селекции им дава големи шанси за остварување на целта. Оливие Жиру во 75.минута ја доведе Франција во водство, а седум минути подоцна израмни Кан Ајхан. И двете репрезентации имаат по 19 бода, четири повеќе од Исланд, кој ја совлада Андора со 2-0 во групата Х. Албанија беше убедлива на гости со Молдавија и победи со 0-4.

Се вчитува...