Антиќ: Ако нема караници на терен тогаш нешто не е во ред, а не обратно!

Македонскиот кошаркар Перо Антиќ ја потенцираше одбраната како клучна за триумфот на Црвена Звезда против Уникаха од 80-76 во 24. коло од Евролигата.

„После сите оние приказни во дел од медиумите се подигнавме на вистински начин покажувајќи го тимскиот дух. Имаше тука и спортска среќа, но покажавме добра тимска одбрана и тоа нешто што можеби пресуди заедно со добриот шут“ – истакна синоќа веднаш по мечот Антиќ, кој после неколку месеци конечно се врати на евролигашкиот паркет.

„Ми беше малку чудно да играм по толку време. Но, добро е што се вратив победнички“.

А, што се однесува до информациите за нарушена атмосфера внатре во тимот на Црвена Звезда…

„Нема никаков проблем околу тоа. Тоа вештачки беа измислувани проблеми од поединци. Тука хемијата е навистина одлична. А што се однесува за теренот. Па, ако нема меѓусебни караници на терен тогаш нешто не е во ред, а не обратно. Сите се сакаме и почитуваме, и го гледате и резултатот на тоа. Јас и кога викам на терен, не е тоа во смисла да се дерам на некого но во контекст на тимот. Сите сме професионалци, си ја знаеме својата работа и улоги. Се знае кој треба да вика, само тренерот, а ние како и секој тим да слушаме“ – вели Антиќ.

Црвена Звезда се уште има шанси за плеј-офот во Евролигата, иако минимални…

„Тоа е целта во секој спорт. Кој не е подготвен за тоа треба да си ги собере куферите и да замине. Секогаш сме се бореле за врвот. Така беше и кога играв за Олимпијакос кога никој не ни даваше шанси во 2011 година а ние стигнавме до титулата. Одиме како аутсајдери понатаму, не летаме, само работиме“ – истакнува Перо Антиќ.

Се вчитува...