Антиќ: Денеска е голем ден, кошарката доби свој дом

Раководството на КФСМ не го криеше задоволството од добиениот дом откако денеска и официјално ја доби на располагање големата сала од СРЦ „Кале“. Согласно договорот, салата останува во државна сопственост, но останува на трајно користење на кошаркарската федерација.

Знаете дека во програмата ставивме дека акцент ќе биде ставен врз обезбедување на услови за младите кошаркари. Денеска е голем ден, добиваме свој дом, јас лично сум презадоволен што како куќа на кошарката добиваме сала што ќе ни биде на располагање 24 часа на ден, 365 дена во годината. Голема благодарност до одговорните лица кои ни излегоа во пресрет“ – изјави претседателот на КФСМ, Перо Антиќ.

Директорот Тодор Гечевски најави посериозна работа со младите кошаркари во новата сала.

„Голема благодарност до сите кои го овозможија овој момент, салата да дојде во користење на КФСМ. Оваа сала ќе биде исполнета со такви активности, за развој на кошарката, на младинските категории. Во текот на летото имаме бројни активности со младите репрезентации, а потоа во текот на годината ќе преминеме и на работа на индивидуален план со младите кошаркари“ – додаде Тодор Гечевски.

Своја изјава на денешната прес-конференција даде и поранешниот претседател на МКФ, Даниел Димевски, кој сега има ангажман како Советник за Спорт при Владата на РСМ.

„Во име на Владата на РСМ ова е една од клучните работи – спортските објекти да ги дадеме на располагање на спортските колективи. Особено ми е драго што овој процес почнува со Кошаркарската Федерација. Горди сме што најдовме начин да решиме едно прашање на начин на кој нема оштетени, така што сите се задоволни. Благодарност до претходниот концесионер спортската сала „Кале“ е во добра состојба, па веднаш може да се користи 24 часа на ден во следниот период“ – истакна Даниел Димевски,

Се вчитува...