Антиќ на чекор до нов фајналфор, Фенер пак ја освои Атина

Перо Антиќ е на добар пат повторно да атакува на европската круна откако со тимот на Фенербахче повторно славеше на гостински терен против Панатинаикос, овојпат со 75-80, за огромна предност од 2-0 во победи во пресрет на двете средби во Истанбул што ќе бидат на програмата следната седмица. Откако претходно освои две титули европски првак, а лани несреќно загуби во финалето од ЦСКА, македонскиот ас најверојатно ќе има нова шанса да стигне до трета круна, и тоа на Ф4 на домашен терен во Истанбул.

Денешниот дуел во Атина повторно го одбележа рововска битка на двата тима, во која во завршницата поснаодливи беа гостите од Турција и а заслужено стигнаа до победата. Богдан Богдановиќ одигра уште еден одличен меч погодувајќи неколку клучни шутеви, но ПАО успеа да се врати и по грешката на Боби Диксон домашниот тим имаше шут за водство на половина минута до крајот. Сепак, обидот на Риверс беше непрецизен, по што следеа лични грешки на играчите на ПАО по кои Фенербахче само си ја осигура победата.

Антиќ одигра осум минути, период во кој реализираше три поени и два скока, а најдобри поединци кај Фенербахче беа Богдановиќ со 25 и Удох со 22 поени.

Се вчитува...