Антиќ пак е на фајналфор, Фенер со „метла“ го збриша ПАО

Перо Антиќ ќе има уште еден обид да стигне до својата трета титула европски првак откако македонскиот кошаркар со тимот на Фенербахче успеа да обезбеди пласман на фајналфор турнирот од Евролигата што ќе се одржи во Истанбул. По двете победи во серија во Атина, Фенер вечерва го совлада Панатинаикос со 79-61 и на третиот меч во низа (овојпат во Истанбул), за максимални 3-0 во оваа четвртфинална серија.

Слично како и на претходните две средби, повторно одличната одбрана беше клучна за успехот на турскиот гигант, кој полека, но сигурно ја градеше предноста, во последниот период влезе со плус десет (52-42), a кошаркарите на Фенер експресно ставија крај на надежите на гостите за камбек, откако Нанели и Богдановиќ погодија тројки за преубедливи 60-44. Тајмаутот на гостинскиот тренер не вроди со плод, па Фенербахче набрзина поведе и со 23 поени (69-46). Претседателот на ПАО пред оваа серија им вети на своите кошаркари премии од 250.000 евра ако го елиминираат големиот ривал, но тој можеше само во живо да ја проследи катастрофата на својот тим, изразена со конечни 79-61.

Боби Диксон беше најефикасен кај Фенербахче со 13 поени, пред Нанели со 12, додека Удох, Калиниќ, Датоме и Богдановиќ постигнаа по 10 поени за победничкиот тим. Перо Антиќ одигра пет минути од вечерашниот натпревар, период во кој не се запиша меѓу стрелците (0/3 од поле) и имаше еден дефанзивен скок.

Перо Антиќ во кариерата има две титули европски првак двете со Олимпијакос. Македонскиот интернационалец ланската сезона беше многу близу до трета круна, но со Фенербахче дури по продолженија го загуби големото финале против ЦСКА Москва.

Се вчитува...