Антиќ пред Ф4: Сакаме да бидеме шампиони, никој не го памети вториот…

Перо Антиќ веќе има две титули европски првак во својата колекција на трофеи. Македонскиот ас и лани беше дел од финалето во Евролигата, но по камбекот од 21 поен со Фенербахче, сепак на крајот по продолжение ја загуби битката против ЦСКА Москва. Токму тој пораз им служи како инспирација на Антиќ и неговите соиграчи во пресрет на новиот Ф4, што од 19 до 21 мај ќе се игра во Истанбул.

Тренерот Обрадовиќ многу пати го повторува истото, кога играме важни средби и се наоѓаме во слични ситуации – дека единствено важно нешто е да се биде на врвот. Никој не го памети вториот, но сите знаат кој е шампион, затоа ние сакаме да бидеме шампиони. Еден скок во тоа ланско финале ни ја однесе титулата, не сакаме тоа да ни се повтори и ќе сториме се за овојпат да стигнеме до самиот врв. Не велам дека ќе отидеме и сигурно ќе станеме шампиони, но дефинитивно ќе се бориме до самиот крај“ – истакнува Перо Антиќ.

Првиот голем предизвик го носи полуфиналето, во кое Фенер за ривал ќе го има силниот состав на Реал Мадрид.

Љуљ е одличен кошаркар на кој дефинитивно ќе мора да му обрнеме посебно внимание, но не се сомневам дека Обрадовиќ ќе најде лек и за него. Тој секогаш ги наоѓа вистинските зборови за да не се опуштиш и да продолжиш да работиш напорно, во било која ситуација. Секогаш сме подготвени за нови работи пред натпреварите. Има уште девет дена до дуелот со Реал, но кога ќе дојде тој меч, не се сомневам дека ќе бидеме подготвени“ – вели Антиќ.

Воедно, тој се потсетува и на својата прва титула во Евролигата, кога како член на Олимпијакос беше дел од огромниот пресврт и триумфот со поените на Принтезис во самата завршница.

Тоа беше огромен чекор напред во мојата кариера. Губевме во финалето со ЦСКА, но ако се сетите на таа сезона, имавме бројни такви средби што на крајот го добивавме. Бевме војници на Дуда Ивковиќ и тоа даде резултат“ – истакнува Перо Антиќ.

Се вчитува...