Антиќ тренира со Гостивар, но ќе игра за поголем европски клуб

Перо Антиќ предизвика еуфорија во таборот на Гостивар со одлуката да ги стартува подготовките со овој македонски прволигаш. Екс-капитенот на репрезентацијата по враќањето на Гостивар во елитата реши да му помогне и финансиски на овој клуб станувајќи еден од акционерите на поранешниот првак. Во период во кој се уште е во фаза на избор на својата следна дестинација Антиќ тренира со гостиварци, но јасно е дека неговата иднина повторно ќе биде надвор од мак-баскетот.

„Односот што го имаме со Перо Антиќ е беспрекорен, тој помогна кога ни беше значајно, а сега со самото присуство на тренинзите ја крева атмосферата во нашиот тим. Сепак, реално е да се каже дека иднината на Антиќ барем во оваа сезона не е во дресот на Гостивар, тој сигурно ќе игра за поголем европски клуб со кој ќе атакува на трофеи. Тој останува наш акционер и ние сме горди што го имаме како дел од КК Гостивар, но Перо има што да понуди на елитната кошаркарска сцена, пред евентуално да реши да се врати назад во мак-баскетот“ – истакнува тим-менаџерот на КК Гостивар, Бали Саити.

Останува во следниот период Антиќ да избере некоја од понудите што ги има добиено, за трикратниот европски првак да одлучи каде дефинитивно ќе ја продолжи својата кариера.

Се вчитува...