Апелацискиот суд на ЕХФ ја потврди одлуката на Ракометниот суд во случајот против македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
Пред Европското првенство 2026, ЕХФ ги тргна двајцата судии од Македонија од листата на судии за шампионатот, поради наводна манипулација со прикачените видео снимки од таканаречениот „Повеќестепен тест за кондиција“.
Врз основа на експертската анализа на партнерот за интегритет на ЕХФ, „Спортрадар“, Ракометниот суд на ЕХФ заклучи дека спорните видеа биле лажирани и изманипулирани па изрече санкции за македонските судии, кои сега се потврдени и од Апелациониот суд на ЕХФ.
Двајцата судии се суспендирани од извршување на каква било функција во рамките на ЕХФ и учество во какви било активности на ЕХФ во период од две години од датумот на првостепената одлука поради сериозно неспортско однесување.
Секој судија мора да плати казна од 5.000 евра за фундаментални прекршувања на Кодексот на однесување на ЕХФ.
По оваа одлука, Начевски и Николов сега можат да поднесат само уште жалба до Европскиот арбитражен суд за ракомет (ECA) во рок од 21 ден.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
