Апсолутна доверба од клубовите: Живко Мукаетов добива уште еден мандат на чело на РФМ

Живко Мукаетов ќе продолжи да раководи со Ракометната Федерација на Македонија и во наредните четири години, откако актуелниот претседател ја доби поддршката на сите клубови и ракометни здруженија во пресрет на Изборното собрание што ќе се одржи в недела во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

Сите ракометни колективи со право на глас и писмено му изразиле поддршка на Мукаетов, со што тој ќе остане единствен кандидат на Изборното собрание. Бидејќи согласно регулативите еден клуб не може да даде поддршка на двајца претседателски кандидати, ова практично значи дека Мукаетов ќе нема противкандидат и со акламација ќе добие нов четиригодишен мандат како прв човек на „куќата на ракометот“.

Живко Мукаетов е на чело на Ракометната Федерација на Македонија од март 2013 година. Во овој период откако тој е претседател машката ракометна репрезентација на Македонија беше учесник на сите светски и европски шампионати, а РФМ доби и организација на женско европско првенство за 2022, со што и нашите најдобри ракометарки ќе можат да ги измерат силите со најдобрите селекции на „стариот континент“.

Се вчитува...