Аргентинско танго или будење на Србија?

Катастрофалната игра и заслужениот пораз од Шпанија сериозно ги замрси сметките на српските кошаркари, кои денеска ќе мораат да ја победат Аргентина доколку сакаат да се пласираат во полуфиналето од СП 2019. Првата четвртфинална пресметка на Мундобаскет 2019 ќе биде токму онаа меѓу српскиот и аргентинскиот национален тим, а влог за „орлите“ покрај полуфиналето е и пласманот на Олимписките Игри. Аргентинците веќе го осигураа учеството на ОИ со елиминацијата на Бразил, но на Србите им претстои пеколна битка бидејќи во Токио ќе има место само за двете најдобри европски репрезентации од овој шампионат.

„Свесни сме за влогот и подготвени за предизвикот. Извлековме поуки од поразот од Шпанија и верувам дека против Аргентина ќе бидеме на многу повисоко ниво“ – прокоментира селекторот Александар Ѓорѓевиќ.

Последниот дуел меѓу Србија и Аргентина на едно големо натпреварување се одигра на СП во Турција во 2010 година, кога Србите славеа во последното коло од групната фаза со 84-82 и го освоија првото место во групата.

Аргентинците се уште не можат да го преболат поразот во финалето од СП 2004 во Индијанаполис, кога прокоцкаа „плус осум“ во последните три минути и на крајот загубија од селекцијата на Југославија по продолжение од пет минути. Од тој состав денеска на теренот повторно ќе биде Луис Скола, кој е еден од лидерите на „гаучосите“ и на овој шампионат.

Во второто четвртфинале што е денеска на програмата Шпанија е апсолутен фаворит против Полска, меч што е на програмата од 15 часот.

Се вчитува...