Флавио Коболи и Матео Арналди одржаа заедничка прес-конференција на Ролан Гарос.
Поради болест, Матео Арналди му го предаде полуфиналниот натпревар на Ролан Гарос на својот сонародник Флавио Коболи и тој ќе го игра финалето против Саша Зверев во недела.
Не се случува често она што го видовме денеска во Париз, Флавио Коболи и Матео Арналди кои одржаа заедничка прес-конференција.
„Од каде да почнам, тешко е да се биде тука, не сакав да биде вака, но синоќа почнав да се чувствувам многу лошо. Се разбудив среде ноќ и повраќав. Се обидов да спијам, потоа околу 6-7 часот повторно повраќав и беше навистина лошо…“, рече видливо разочаран Арналди и додаде дека има вирус и не може да игра.
„Тешко е да се поднесе ова… Со оглед на тоа колку време поминав на терен, се чувствував добро. Не би му посакале на никого да мора да го предаде своето прво полуфинале на Грендслем, но секој пат кога ќе станам, ми се врти главата. Ако само касна нешто, ми се повраќа.“
Арнлади седеше на три метри од Коболи за да не го зарази.
„Мислам дека е вирус бидејќи и имав треска. Не знам, да бидам искрен, само знам дека не можев да јадам или пијам, немаше начин да играм. Жал ми е и за навивачите, за Италијанците што дојдоа да нè гледаат… Среќен сум за Флавио, но жал ми е што не можам да играм“.
И покрај неславниот крај, ова останува најдобриот турнир во кариерата на Арналди, кој ќе скокне 70 места на АТП ранг-листата и од понеделник ќе биде рангиран на 34. место во светот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
