Арнаутовиќ: Пандев ми е пријател, не сте свесни колку добар играч е Горан

Мирко Арнаутовиќ со години наназад важи за најдобар австриски напаѓач, а исусниот голгетер се мачеше со повреда во изминатиот период, па нашиот прв ривал стравуваше дека тој нема да може да биде подготвен за дуелот со Македонија на стартот од ЕВРО 2020. Арнаутовиќ влезе во второто полувреме од последната контрола против Словачка, а според последните информации од австрискиот табор тој ќе биде „фит“ за од првата минута да го стартува мечот со Македонија.

Поранешниот член на Интер, Вердер и Вест Хем делува максимално мотивирано, но и предупредува дека Австрија нема да има нималку лесна задача на неделната пресметка.

„Ќе дадам се од себе за да му помогнам на тимот. Кога јас ќе кажам вакво нешто, секако мислам на голови и асистенции. Не можам да ветам конкретна бројка, но ветувам 110% од себе на секој натпревар. Сепак, ова е колективен спорт и секој од нас ќе мора да даде се од себе, Австрија е многу повеќе од Марко Арнаутовиќ бидејќи сите заедно сме силна екипа. Пред четири години имавме силна екипа, бевме полни со самодоверба, па поради тоа малку ги потценивме ривалите и затоа бевме елиминирани. Нема да дозволиме такво нешто и на овој шампионат. Македонија веќе двапати ја победивме во квалификациите во 2019, но тие резултати нема да не залажат. В недела не очекува сосема поинаков натпревар на кој може да славиме само ако одиграме стопроцентно во текот на сите 90 минути“, изјави Арнаутовиќ за австриските медиуми.

Тој има само пофални зборови за македонскиот капитен Горан Пандев, со кого мина извесно време заедно додека настапуваше за Интер.

„Со денови слушаме како Македонија била омаловажувана или потценета, верувајте дека тоа не е случај, знаеме колку е опасен овој ривал. Горан Пандев ми е многу добар пријател. Многу луѓе го отпишуваат поради возраста, но вие не сте свесни колку добар фудбалер е Горан. Ќе мораме да внимаваме на него“, предупредува најдобриот австриски напаѓач.

Се вчитува...