Штербик внимателен: Ретко кој победува во Сегед

Ракометарите на Вардар денеска (17.30 ч.) му гостуваат на Пик Сегед во натпреварот од 11.коло од групната фаза во Лигата на шампионите. На четири кола пред крај, вардарци се на првото место во групата Б со амбиција да ја сочуваат лидерската позиција што им носи директен пласман во четвртфиналето на ЛШ. Секој бод во последните четири натпревари е важен, а дуелот со Пик Сегед може да биде и клучен за „црвено-црните“ во борбата за првото место во групата.

„Не мора, ама речиси и мора да победиме на овој меч. Ако победиме во Сегед ќе имаме подобра позиција и другите три натпревари до крај да ги одиграме позитивно. Тогаш би ја исполниле целта да бидеме во горниот дел на табелата. Ако загубиме на ова гостување, може во недела да бидеме и четврти. Тука секој бод е важен и сега гледаме колку ни требаа бодовите што ги загубивме во Загреб“ – изјави Арпад Штербик за клупскиот сајт на Вардар.

Во пресрет на денешниот дуел, искусниот голман на Вардар предупредува и дека ова ќе биде тежок натпревар за вардарци и покрај позитивниот скор што го имаат во меѓусебните дуели со унгарскиот тим.

„Пик Сегед има добра екипа и одличен тренер и ретко која екипа добива таму натпревар. На ваков натпревар одбраната треба да биде добра за да добиеме на сигурност. Со добра одбрана многу полесно е потоа да погодиш од полуконтра и контра. Се надевам дека ќе влеземе добро во мечот и дека и ние голманите ќе помогнеме да избориме позитивен резултат на овој деул“ – вели Штербик.

Вардар и Пик Сегед досега петпати играле меѓусебе во Лигата на шампионите и предноста е на страната на вардарци. Вардар бил поуспешен во три од петте натпревари, еден дуел завршил со реми, а еден со победа на Пик Сегед. Македонскиот и унгарскиот тим и лани беа во иста група во ЛШ и Вардар тогаш ги доби и двата дуели, во Скопје со 27-23, а на гостувањето во Сегед со 31-29.

„Црвено-црните“ го победија Пик Сегед и во првиот дуел од оваа сезона на домашен терен со 30-27.

Лани можеби победивме и полесно од очекувањата, сега сигурно ќе биде потешко. Не очекува силен меч, мора да играме агресивно и умно, да не грешиме во нападот и да ја користиме секоја шанса што ќе ја добиеме. Може да се победи Пик Сегед, но само ако одиграме онака како што се очекува од нас“ – истакнува пикерот на Вардар, Мијајло Марсениќ.

За разлика од Вардар кој има добар старт по зимската пауза, забележувајќи две победи во СЕХА и триумф против ППД Загреб во натпреварот од ЛШ, ПИК Сегед „киксна“ на гостувањето во Белорусија и неочекувано беше поразен од Мешков Брест со 25-23. Унгарците најавуваат дека на денешниот меч со Вардар ќе настојуваат да се вратат во победнички ритам. Приоритет во играта им е да ја сопрат брзата транзиција на вардарци, а главен адут во нападот треба да им биде поранешниот играч на Вардар, Сергеј Горбок.

Во другите три натпревари во Групата Б, денеска Мешков Брест го пречекува ППД Загреб, а утре играат Кристијанштад – Рајн Некар Левен и Целје – Киелце.

Вардар е прв на табелата со 14 бода исто колку што има и Кјелце на втората позиција, Пик Сегед и Рајн Некар Левен имаат по 13 бода, Мешков Брест е петти со 11, а во долниот дел на табелата се Кристијанштад со 6, Целје со 5 и ППД Загреб со 4 бода.

Се вчитува...