Арсенал повторно разочара, Борусија Дортмунд славеше на „Емирати“

Фудбалерите на Арсенал претрпеа втор пораз во подготвителниот период, откако на домашен терен беа совладани од Борусија Дортмунд со 3:2.

За тимот на Микел Артета ова беше четврти контролен натпревар во летните подготовки, а поразот доаѓа само неколку дена по неуспехот од Бетис со 3:1.

Германскиот тим одлично го отвори натпреварот и поведе во седмата минута. Феликс Нмеча асистираше до Самуел Инасио, кој ја искористи несигурноста во одбраната на Арсенал и прецизно го совлада Кепа Аризабалага.

„Топџиите“ се обидоа да возвратат, но не ги искористија своите шанси. Виктор Ѓекереш не беше прецизен од слободен удар, додека Каи Хаверц пропушти добра можност да го проигра соиграчот пред голот.

Казната стигна во 29. минута. Константинос Карекас одлично продре низ средината и со прецизен удар во горниот агол зголеми на 2:0 за гостите.

Арсенал во финишот на првото полувреме се закани преку Габриел и Хаверц, но на пауза се замина со предност од два гола за Дортмунд.

Домашниот состав тргна многу подобро во вториот дел и во 54. минута успеа да намали. Христос Чолис одлично продре по левата страна и ја врати топката до Итан Нванери, кој погоди за 1:2.

Сепак, радоста на Арсенал траеше само четири минути. По еден корнер, одбраната на лондонскиот тим не успеа да ја исчисти топката, а Филип Мане ја искористи ситуацијата и повторно му донесе предност од два гола на Дортмунд.

Арсенал до крајот успеа повторно да се врати во натпреварот. Чолис избори пенал, а сигурен реализатор беше Ѓекереш за конечни 2:3.

„Топџиите“ во продолжението не успеаја да стигнат до израмнување, па на „Емирати“ го запишаа вториот пораз во четвртиот подготвителен натпревар.

Особено загрижувачки за Артета е дефанзивната игра на неговиот тим. Арсенал на последните два контролни натпревари прими дури шест гола, што сигурно ќе биде еден од сегментите на кои шпанскиот стратег ќе мора да работи пред почетокот на новата сезона.

Се вчитува...