Се е подготвено за првиот дуел од втората полуфинална двојка во Лигата на Шампионите, вечерва на „Ванда Метрополитано“ Атлетико Мадрид и Арсенал ќе ги одмерат силите, со невозможна мисија да го задржат стандардот што синоќа го поставија ПСЖ и Баерн Минхен.
Јасно е, вечерашните ривали многу поголемо внимание ќе посветат на одбраната отколку на нападот, па интересно ќе биде кој од двајцата дефанзивно ориентирани тренери, Диего Симеоне или Микел Артета, ќе се радува на крајот.
Во пресрет на вечерашниот натпревар во Мадрид, еве неколку интересни статистички податоци поврзани со двата тима…
Ова ќе биде четврти дуел на Арсенал и Атлетико Мадрид во ЛШ, последен пат овие ривали се сретнаа во октомври, во лигашката фаза оваа сезона. „Топчиите“ го добија овој дуел со 4-0, што е еден од најубедливите порази на Атлетико во историјата во ова натпреварување.
Арсенал и Атлетико Мадрид се клубовите кои имаат одиграно најмногу мечеви во историјата во Купот на Европските шампиони и во Лигата на Шампионите, без притоа да стигнат до трофејот (Арсенал 223, Атлетико 190).
Атлетико има одиграно шест средби на „Ванда Метрополитано“ против ривали од Англија, при што не знае за пораз (три победи, три реми). Овие шест меча биле со шест различни екипи, но ниту еднаш со Арсенал (Лестер, Ливерпул, Манчестер Сити, Челси, Манчестер јунајтед и Тотенхем).
Ова ќе биде 16. полуфинале во ЛШ меѓу ривали од Англија и од Шпанија. Премиерлигашките тимови имаат предност од девет пласмани во големото финале наспроти шест на шпанските екипи.
Арсенал е без пораз на последните 12 европски средби (десет победи, две реми). Ако не загубат вечерва, „топчиите“ ќе ја израмнат најдолгата серија во клупската историја, 13 европски меча без пораз од март 2005 до април 2006, кога стигнаа и до единственото финале во ЛШ (каде загубија од Барселона).
На четирите средби на Арсенал во нокаут фазата од ЛШ се постигнати само пет погодоци (четири на „топчиите“, еден против нив). Наспроти лондонскиот клуб, дуелите на Атлетико во нокаут рундата оваа сезона се исклучително ефикасни и беа постигнати вкупно 28 погодоци (17 за тимот на Симеоне, 11 против него).
Виктор Ѓокереш е најавен како стартер по повредата на Хаверц. Ѓокереш има чтири гола за Арсенал во ЛШ сезонава, од кои половина беа постигнати токму против Атлетико, во онаа победа од 4-0 во лигашкиот дел. Шведскиот ас е без постигнат погодок во нокаут фазата од ЛШ сезонава.
Хулијан Алварез има девет погодоци сезонава во ЛШ, со што е најдобар стрелец во историјата на Атлетико во една сезона од елитното европско натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

