Ашаданов: Девојките го дадоа максимумот, Белгија беше пресилен противник

И покрај поразот, на крајот и убедлив во дуелот со селекцијата на Белгија, нема место за незадоволство во нашиот стручен штаб кој го предводи селекторот Александар Ашаданов. И Ашаданов и неговите асистенти, па и кошаркарките кои ги одбра за овој трет ФИБА „прозорец“, знаеја со кого имаат вечерва работа во СРЦ „Кале“.

Според Ашаданов, Белгија е меѓу топ 3 селекции кои може да го освојат шампионатот. Тој смета дека и исцрпувачкиот натпревар во Сараево, а потоа и патот до Скопје го зеле данокот.

„Најпрво, сакам да ѝ посакам на Белгија среќа на ЕП, според мене, тие се една од топ-3 екипите фаворити кои можат да го освојат шампионатот. Девојките го дадоа максимумот, се вложија колку што можат по она исцрпување во БиХ да се дојде до таа посакувана победа, а потоа целиот тој пат со автобус. На тој дуел, пет играчи играа 39 минути. Исто така, тука вo Скопје беше и квалитетот на противникот. Можеби резултатот е голем, но девојките не се откажаа и дадоа отпор колку што беше во нивна моќ. Дури и да бевме во комплетен состав, Белгија ќе беше пресилен противник за нас. Се надевам дека победата во овие квалификации и целиот циклус ќе бидат мотив за сите понатаму и за помладите кои треба допрва да ни се вклучат во процесот на надградба на сениорската репрезентација“ – потенцира Ашаданов по завршувањето на овој квалификациски циклус за Евробаскетот во 2023 година.

Се вчитува...