Аталанта е ептен страшна – најдобрите одмараа, а даде шест гола

Аталанта уште еднаш покажа зошто е најатрактивен тим за гледање во Калчо-лигата, откако вечерва го декласираше тимот на Бреша со 6-2. Треба да се истакне дека тренерот Гасперини на овој меч ги одмори двајцата клучни фудбалери, Папу Гомез и Јосип Иличиќ, повреден беше најдобриот стрелец Муриел, но и без нивна помош Аталанта го растури противникот, полнејќи ја до врв мрежата на тимот што во следната сезона ќе се натпреварува во Серија Б.

Резултатот беше отворен по само 87 секунди игра, кога Пашалиќ го најде патот до мрежата на Бреша. Гостите заиграа подобро до десеттата минута, создадоа неколку шанси и постигнаа израмнувачки погодок, но со тоа само ги налутија избраниците на Гасперини. Де Рон и Малиновски постигнаа два прекрасни гола со кои резултатот по 28 минути игра гласеше 3-1, пред Запата да погоди за 4-1, резултат со кој се замина на одмор.

Второто полувреме мина во знакот на Марио Пашалиќ, хрватскиот интернационалец одлично се снајде и постигна уште два гола, комплетирајќи го својот прв хет-трик во Калчо-лигата. Конечните 6-2 ги постави Спалек во 82. минута од натпреварот.

Аталанта со овој триумф се искачи на второто место на табелата, со два бода предност пред Интер и Лацио, кои имаат и меч помалку од тимот од Бергамо.

Се вчитува...