Панатинаикос создаде дрим-тим, но сонот за нова европска титула згасна уште пред фајналфорот што ќе се игра токму во салата на атинските „зелено-бели“. ПАО имаше 2-0 во серијата со Валенсија, но стана само втор тим во историјата што прокоцкал ваква позитива откако ја загуби синоќешната мајсторка со Валенсија.
„Сакам да честитам на Валенсија за денешната победа. Ние не игравме како што знаеме, не ја знам причината, можеби тимот беше се уште во шок по оние два порази во Атина. Во нападот во првото полувреме бевме ужасни, во вториот дел се обидовме да се вратиме, но промашивме неколку лесни шутеви и тоа придонесе да го загубиме натпреварот“, го почна своето излагање на прес-конференцијата Ергин Атаман.
А потоа, турскиот стратег влезе во својот препознатлив ритам, вината за елиминацијата префрлајќи ја кај судиите.
„Кога ја гледам статистиката, исти сме по погодени двојки и тројки, тука постои баланс. Но, кај слободните фрлања има неверојатна разлика. Тиа изведоа 29, ние само 8. Исто беше и на претходниот дуел во Атина, кога имаа 12 слободни фрлања повеќе од нас… И ќе кажам уште една работа, Кендрик Нан, вториот најдобар стрелец во Евролигата, не изведе слободно фрлање три натпревари во низа во оваа серија. Три меча по ред… вториот најдобар стрелец…. Не знам што да кажам повеќе, ако судат овие судии и имаат ваков критериум, Валенсија лесно ќе стане и европски шампион на претстојниот фајналфор“, порача Атаман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
