Атанасов: Кога се игра за Македонија нема пријателски, против секого одиме на победа

Гостување во БиХ, па потоа и кај Турција за македонската репрезентација во финишот на сезоната. Два „теста“ пред почетокот на Лигата на Нации во септември, селекција со многу нови имиња, во кои селекторот Гоце Седлоски ќе ја тестира можноста и тие да бидат дел од националниот тим на официјалните натпревари.

Еден од оние кои веќе со години е дел од селекцијата е Јани Атанасов. Тој вели дека секогаш за Македонија се дава максимумот, и дека не постојат пријателски мечеви кога се игра за репрезентацијата. Најавува надигрување на двата престојни „теста“.

„Крај на сезона, сите завршуваме со нашите лиги, но кога доаѓаме за Македонија не постои пријателски натпервар и тука сме да го дадеме максимумот. Во селекцијата има доста нови имиња, но верувам дека селекторот штом одлучил за тие имиња, имаат квалитет и се тука да помогнат на екипата. Сите знаеме дека нашиот следен противник БиХ направи голем успех во фудбалот, и дека момците одиграа одлични квалификации, и потоа ја поминаа Италија. Одиме таму да се надигруваме, тие се многу квалитетна екипа, но ние сме тука да го дадеме максиумумот, и на секој меч одиме на победа. Има некој позитивен притисок кај нас, и подготвени сме да се надигруваме со добри репрезентации како што е БиХ, а потоа и Турција“, вели Атанасов.

Се вчитува...