МЗТ Скопје утре со почеток во 20 часот ќе го пречека српскиот претставник Вршац во рамките од првото коло од АБА2 лигата, регионалното натпреварување преку кое аеродромци се надеваат дека ќе успеат да се вратат во елитата.
Ланската сезона во АБА2 беше големо разочарување за „металците“, кои се надеваат дека е извлечена поука и дека сезонава ќе се забележат далеку подобри резултати во ова натпреварување.
Тренерот Васко Атанасов ги повика навивачите да дојдат во што поголем број и да му дадат поддршка на тимот, за да се стигне до победа и да се потврдат високите амбиции во АБА2 сезонава.
„Новиот систем според кој ќе се игра во АБА2, ја зголемува важноста на секој натпревар, бидејќи едноставно немате право на кикс ако сакате да се борите за највисок пласман. МЗТ Скопје дефинитивно го сака тоа, поради што во мечот со Вршац влегуваме мотивирани и со желба да покажеме дека сме меѓу фаворитите за врвот од табелата. Сите знаат дека нашите навивачи се нашето најсилно оружје, поради што ги повикувам да дојдат во што поголем број за да ни помогнат регионалната сезона да ја почнеме со значајна победа“, изјави стратегот на МЗТ Скопје во пресрет на утрешниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

